Од март нова минимална плата – околу 1.800 денари повеќе поради законското усогласување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши им се закани на производителите, дистрибутерите и на трговците да не ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи кои не се дел од „Новогодишната кошница“. Тој, на новогодишниот брифинг за новинари, кажа дека на маса му е одлуката за замрзнување на цените на овие производи.

„Бидејќи не можеме да казнуваме поради непочитување на „Новогодишната кошница“, ако трговците, дистрибутерите и производителите ги покачат цените на основните животни производи кои не се дел од оваа мерка, ако треба и ноќе ќе ја потпишам одлуката за цените и Владата ќе ги замрзне“, се закани Дурмиши преку новинарите.

Министерот тврди дека секојдневно инспекторите на Пазарниот инспекторат се на терен и следат дали има покачување на цените. Дурмиши најави и дека по редовното усогласување на минималната плата, кое ќе се изврши во март 2025 година, таа најверојатно ќе изнесува 24.400 денари.

„Конечната сума на минималната плата која ќе важи од март наредната година ќе се знае откако ќе се земат податоците за инфлацијата и за просечната плата во 2024 година, по што ќе се усогласи минималецот “ вели Дурмиши.

Во моментов минималната плата е 22.567 денари, а синдикатите бараат таа да биде 27.000 денари со тоа што ќе се смени Законот за минимална плата, а не само да има годишно усогласување.

Иако пред неколку дена Стопанската комора на северозапада Македонија го реактуелизираше барањето за минималец од 500 евра, но за возврат да се намалат социјалните придонеси што ги плаќаат фирмите од 47,7 на 32 отсто, такво барање воопшто не е доставено до Економско социјалниот совет кој е надлежен да го разгледува ова барање.

Дурмиши истакна дека се разгледуваат кои дејности да се додадат за да може да работат и во недела, но кажа и дека не се размислува за целосно укинување на „Недела, неработен ден“. Се најави и дека од Нова Година ќе почне да се казнува за непочитување на Законот за нефер трговски практики.