Некогаш познат како еден од најконтроверзните ликови во ријалити телевизијата, денес 42-годишниот Спенсер Прат е сериозен кандидат за градоначалник на Лос Анџелес, вториот најголем град во САД.
Прат, кој се прослави во популарното MTV ријалити шоу „The Hills“, во јануари годинава ја објави својата кандидатура за градоначалник како републикански кандидат и политички аутсајдер. Оттогаш, неговата поддршка постојано расте, а според првичните резултати од прелиминарните избори, тој е во тесна трка за влез во вториот круг.
Актуелната градоначалничка Карен Бас засега е единствената кандидатка која сигурно обезбедила место во завршниот дуел, додека Прат се натпреварува со демократската советничка Нитија Раман за втората позиција.
Особено внимание привлече неговата успешна кампања за собирање средства. Во период од неполн месец, Прат обезбедил околу 2,7 милиони долари донации, што е значително повеќе од средствата што ги собрале неговите главни ривали.
Неговиот подем во град кој традиционално гласа за демократите се должи пред сè на силното присуство на социјалните мрежи, каде што редовно објавува видеа, политички коментари и сатирични содржини насочени кон противниците. Иако се појавија шпекулации дека неговата политичка кампања би можела да стане телевизиско ријалити шоу, неговиот тим ги демантираше таквите наводи.
Во центарот на неговата кампања се последиците од катастрофалните пожари што го зафатија Лос Анџелес во 2025 година. Прат го загубил својот дом во пожарите и ја обвинува актуелната градска администрација дека не реагирала соодветно на кризата.
Тој ветува дека ќе го „поправи расипаниот Лос Анџелес“, укажувајќи на проблемите со бездомништвото, јавната безбедност и зависностите. Меѓу неговите предлози е и задолжително лекување на лица со зависности како дел од борбата против бездомништвото.
Сепак, политичките аналитичари предупредуваат дека неговиот пат до победата ќе биде исклучително тежок. Лос Анџелес нема избрано републикански градоначалник повеќе од две децении, а дел од експертите сметаат дека неговата поддршка е концентрирана во ограничен дел од градот.
Карен Бас остро го критикуваше својот противник, наведувајќи дека нема искуство во јавната администрација и дека целата кампања ја гради врз незадоволство и гнев. Слични критики упати и Нитија Раман, која оцени дека Прат не нуди реални решенија за проблемите со кои се соочува градот.
Прат, пак, возвраќа дека токму недостатокот на политичко искуство е негова предност.
„Можеби немам искуство, но имам доволно здрав разум за да видам дека сегашниот систем не функционира“, изјави неодамна тој.
Неговата политичка појава неизбежно потсетува на патот на Доналд Трамп, кој од телевизиска ѕвезда стана претседател на САД. Аналитичарите сметаат дека современата политика сè повеќе се претвора во форма на забава, а кандидатите кои привлекуваат внимание и создаваат интересни приказни имаат предност пред традиционалните политичари.
И самиот претседател Доналд Трамп неодамна даде поддршка за кампањата на Прат.
„Би сакал да го видам успешен. Тој е интересен лик“, изјави Трамп, додавајќи дека слушнал оти Прат е голем поддржувач на движењето МАГА.
Дали популарноста стекната во светот на ријалити телевизијата може да се претвори во политичка победа останува да се види, но едно е сигурно – Спенсер Прат веќе успеа да ја направи трката за градоначалник на Лос Анџелес една од најнеобичните политички приказни во САД оваа година.
