Ќе водиме позитивна кампања, ова беше ветувањето на политичките партии пред стартот на изборната кампања за овие локални избори. Но, од тоа ништо. Политичката реторика под секое ниво, кампањата од црна поцрна. ВМРО-ДПМНЕ одржа голем број прес конференции за актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов тврдејќи дека градел луксузна зграда дивоградба, потоа хациенда, но и ред други обвинувања.
„Петре Шилегов во четири години изгради вила од 300 метри квадратни на Маврово, има ново возила во вредност од 130 илјади евра а семејната куќа ја претвори во зграда од 4 ката на диво, без дозвола за градба. Се тоа со градоначалничка плата“, истакна Наум Стоилковски.
Од СДСМ за крајот на оваа кампања извадија дека Данела Арсовска има бугарско државјанство. Дури и нејзините билборди осамнаа со излепени пораки за „кмет на Петрич“.
„Веќе објавивме дека во 2011 година Арсовска се стекнала со бугарско државјанство за што постои документ Удостоверение. Ова е личната карта на Арсовска издадена од бугарските власти“, вели Славјанка Петровска.
Реториката ништо подобра ниту во албанскиот блок партии. Арбен Таравари од Алијанса за Албанците со навреди кон Ахмети.
„Мислам дека Али Ахмети има реални здравствени проблеми. Јас му посакувам пријатна пензија, и се надевам за 1-2 месеци ќе оди таму каде што треба“, истакна Арбен Таравари.
Алудирајќи на навредите од страна на опозицијата, Артан Груби од ДУИ им се обрати на симпатизерите со вакви зборови
„Вие навистина сте најдобрите бандити во светот. Криминалци… бандити… шамари… полжави… жаби…“, порача Артан Груби.
Комуникологот Бојан Кордалов вели дека ваквата црна кампања придонесува за незадоволство кај гласачите и неизлегување на изборите.
„Имаше подобрување во оваа кампања во првиот круг и навистина можевме да видиме многу поразлична кампања од претходно, а за разлика во вториот круг се вративме многу многу години, па и децении наназад. Не доаѓаат за да одредена општина или град станат на ВМРО-ДПМНЕ на СДСМ или на ДУИ. Значи не доаѓаат на власт за да кажат дека Македонија или Скопје станале вмровски или сдсмовски“, посочи Бојан Кордалов.
Зошто партиите се одлучуваат за ваква реторика, наместо да се обратат до граѓаните со програма за тоа како ќе го подобрат живеењето? Политичките партии покажуваат дека тие не веруваат во граѓаните, вели Кордалов.
„Очајната желба да се остане или дојде на власт. И тоа не е политика, тоа е балканска политика, политика на живот и смрт која што државата ја доведе каде што е, разочарани граѓани, иселени млади, апатични луѓе кои што не веруваат во ништо, систем речиси дека ништо не постои и едноставно немање можност и верба дека нешто ќе се подобри. Ако мислите дека ако држите прес конференции со напади или ако направите црни кампањи од сите страни дека ќе ги разубедите и ќе ги насочите како да размислуваат е многу погрешно“, истакна Бојан Кордалов.
Кампањата за овој круг локални избори завршува утре на полноќ, по што следи изборниот молк се до недела кога ќе се одржи гласањето за вториот круг избори.
