И денеска продолжи хаосот со греењето во Чаир и Бутел. Училишните објекти, детските градинки, здравствените домови и домаќинствата останаа во ладно… Во училиштата часовите беа скратени, а некои ученици воопшто не се појавија на настава.
Но, во попладневните часови беше постигнат договор меѓу Електрани на Северна Македонија и Топлана „Скопје-Север“, па така од утре се очекува во овие општини повторно да има парно.
Но, од друга страна имаше и обвинувања во врска со производството на топлина на мазут.
Од Топлана ја осудија изјавата на министерот за животна средина, Нуредини, кој рече дека „Скопје-Север“ не треба да произведува топлина на мазут, бидејќи на пазар е природниот гас.
„Сакаме да го потсетиме министерот дека во 2021 во Северна Македонија се увезени околу 105 илјади тони мазут, а во 2022 заклучно со септември над 150 илјади тони, кои првенствено се користат за производство на електрична енергија, која за потсетување на министерот исто така е достапна на слободниот пазар! Токму од неговото министерство се издадени дозволи за користење на тој мазут!“, велат од Скопје Север.
Со брза реакција возвратија и од Министерството за животна средина:
„Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека министерот Нуредини на брифингот со новинарите одговори дека Топланата „Север“ има Б интегрирана еколошка дозвола издадена од Град Скопје, во која се пропишани позитивните правни прописи од националното и европското законодавство за овој индустриски сектор, т.е. снабдување на пареа и топла вода, како и енергенсите кои согласно дозволата може да ги користи оваа инсталација“, велат од Министерството за животна средина.
И додека државните институции се занимаваа со обвинувања и контра-обвинувања, учениците изгубија неколку дена од редовната настава.
