Суд во полскиот град Краков денеска го одби барањето на американските правосудни власти за екстрадиција на познатиот филмски режисер Роман Полански во САД.
Во кусата изјава, судијата Дариуш Мазур рече дека барањето на американското правосудство е „недопустливо“. Полското обвителство може да поднесе жалба на ваквата судска одлука.
Полански, кој не присуствуваше на рочиштето во краковскиот Суд, во 1977 година беше уапсен во САД под обвинение за педофилија и за сексуална врска со 13-годишно девојче.
Во 1978 година додека живееше во Холивид, Полански призна дека имал секс со малолетничка и беше осуден на куса затворска казна. Во затвор мина 42 дена, а потоа беше пуштен со кауција до следното сослушување, што требаше да се одржи по жалбата на Обвинителството.
Плашејќи се дека казната може да му биде зголемена, Полански побегна од САД, а американските власти распишаа потерница по него, со барање за екстрадиција.
Познатиот режисер, кој сега има 82 години, има француско и полско државјанство и постојано живее во Франција.
