Одбраната во случајот „Онкологија“: Не може да се бара индивидуална одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кој се обвинети поранешниот директор Нино Васев и онколозите Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски. Техничкиот советник на Васев, доктор Владимир Даниловски, посочи дека во лекувањето на одредени пациенти учествувале од три до осум медицински лица.

Според него, не може да се прави изолирана проценка на лекувањето и да се бара индивидуална одговорност од еден лекар. Даниловски тврди и дека обвинителското вешто лице немало целосна медицинска документација за повеќе пациенти.

Тој наведе дека не е докажана директна причинско-последична врска меѓу постапувањето на Нино Васев и исходот кај пациентите. Одбраната посочи дека од 31 пациент што му се ставаат на товар на Васев, тој учествувал во лекувањето на шест, а во нивното лекување биле вклучени вкупно 28 лекари.

Бранителот Боби Спирковски најави дека како сведок ќе биде повикана Мери Пешевска, која претходно призна вина и доби условна казна. Обвинението, пак, лекарите ги товари за несовесно лекување, при што се опфатени вкупно 47 пациенти.