Тетово и денеска со загаден воздух поради пожарот на депонијата во општина Брвеница. Иако два дена се трујат со вдишување чад, сопственикот на депонијата не дозволува медиумски екипи да снимаат. Тој дури и навредувал и се заканувал на новинарите и снимателите во обид да ги отстрани од местото на настанот.
На барање на тетовските пожарникари, таму дојде и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, кој вели дека ќе ги преземат неопходните мерки за гаснење на пожарот.
Екипите на тетовската противпожарна единица и натаму се на терен во обид да го локализираат и изгаснат пожарот. Командантот на територијалната противпожарна единица, Авни Амети, вели дека досега испратиле над 40 камиони со вода, но обидот да се изгасне бил залуден со оглед на високите температури и сувото време.
„Познато е дека оваа депонија предизвика нечист воздух во Тетово но и во целиот регион. Ние со сите капацитети што го имаме се обидуваме да ја ставиме ситуацијата под контрола. Досега испративме 40-тина камиони кои цело време фрлаат вода. Се знае дека еден камион има 10 тони вода,тоа значи голема количина на вода. Според експертите ќе мора дефинитивно оваа депонија да ја покриеме со земја. Просторот е многу голем, 40.000 метри квадратни“, вели Авни Амети.
На терен била и екипа на СВР Тетово која го истражувала случајот како дошло до пожарот и дали палењето било намерно или не. Со овој собирен пункт управува приватна компанија, чие име и сопственик не можевме да го обезбедиме поради агресивноста на сопственикот кој беше на терен. Оваа компанија има и дозвола за управување и третман на отпад од Министерството за Животна средина.
