Oдлуката на Трамп за медицинскиот канабис отвора нови можности, но и дебата во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, на 18 декември потпиша извршна наредба со која марихуаната е прекласифицирана од Прва во Трета категорија на контролирани супстанци на федерално ниво. Со ова таа повеќе не се третира како супстанца без признаена медицинска употреба, туку како контролирана супстанца со признаена медицинска вредност.

Оваа одлука не значи декриминализација на марихуаната на федерално ниво, ниту дозволување на рекреативна употреба. Таа го отвора патот за полесни медицински истражувања и клинички студии, како и потенцијални олеснувања за индустријата за медицински канабис, кои би се дефинирале преку дополнителни федерални правила – како пониски даночни оптоварувања и полесен пристап до банкарски услуги.

Одлуката во најголемата светска економија отвори и неколку прашања во Македонија. Земјата веќе е производител на медицински канабис, а најголемиот дел од производството е наменет за извоз на пазарите во Германија и Обединето Кралство.

Но, иако македонските пациенти законски имаат право да користат медицински канабис со соодветна дијагноза, во пракса до терапијата тешко доаѓаат. Причината е рестриктивната законска рамка.

„Во принцип, на барање на пациентот и во согласност на пациентот. Така предвидува Законот, ако не се лажам.“, вели д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за Онкологија.

Ова значи дека лекарите не можат активно да препорачуваат медицински канабис, туку можат да го препишат само доколку пациентот го побара, и тоа исклучиво во рамки на точно дефинирани дијагнози и стадиуми на болеста.

Стојковски објаснува дека кај онколошките пациенти медицинскиот канабис не се користи како терапија за лекување на самата болест, туку може да има улога во контрола на одредени симптоми, како болка, мачнина или несакани ефекти од хемотерапија.

Тој посочува дека постои простор за унапредување на системот, особено во делот на тоа кои лекари имаат право да го препишуваат овој тип терапија.

„Канабисот може да го препишуваат специјалистите по радиотерапија, онкологија, хематологија, мислам неврологија, психијатрија, мислам и некои детски субспецијалисти. Да, може да се либерализира состојбата ако државата смета, за да се направи подостапен за пациентите за кои навистина им е потребен, во смисла да можат да го препишуваат и други специјалисти.“, рече Стојковски.

Според проценки изнесени во стручни дебати, во Македонија има најмалку 50.000 пациенти кои потенцијално би можеле да користат медицински канабис. Во Германија таа бројка надминува 900.000 пациенти, а се проценува дека може да достигне и до три милиони, при што таму е дозволена и употребата на цветот од канабис, но исклучиво под строга лекарска контрола.

Како потенцијално значаен нов пазар се споменува и Украина, каде поради војната се очекува пораст на пациенти со посттрауматски стресни нарушувања – состојба која во одредени земји се третира и со медицински канабис.