Официјален претставник на НАСА: Астронаутите ќе живеат и ќе работат на Месечината до 2030 година

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ПРЕД крајот на деценијата, астронаутите ќе живеат и ќе работат на Месечината, изјави Хауард Ху, официјален претставник на НАСА.Ху, шеф на програмата за лунарниот вселенски брод на американската агенција Орион, вели дека луѓето би можеле долгорочно да бидат на Месечината пред 2030 година.

„Во оваа деценија ќе имаме луѓе кои живеат на Месечината. Тие ќе имаат живеалишта и ровери. Ќе испратиме луѓе на површината на Месечината и тие ќе живеат таму и ќе се занимаваат со наука“, рече Ху за време на гостувањето во неделата на Би-Би-Си со Лаура Куенсберг.

Ху беше задолжен за вселенското летало на НАСА за истражување на длабоката вселена во февруари. Тој денеска даде интервју за Би-Би-Си додека ракетата „Артемис“ долга 98 метри се упати кон Месечината на својата прва мисија без екипаж.

„Ова е историски ден за НАСА, се враќаме на Месечината“

Џиновската ракета, чиј врв е вселенското летало Орион, лансираше во средата од Кејп Канаверал, Флорида, по серија одложувања поради технички дефекти и урагани. Леталото носи три манекени целосно облечени во одела на астронаути. Ракетата сега е на околу 134.000 километри од Месечината.

„Ова е првиот чекор кон долгорочно истражување на длабоката вселена, не само за САД туку и за светот. Мислам дека ова е историски ден за НАСА, но исто така е историски ден за истражување на длабоката вселена. Се враќаме назад до Месечината“, рече Ху.

Мисијата на леталото трае 25 дена, а на 11 декември треба да падне во Тихиот Океан. Успешната мисија ќе го отвори патот за понатамошни летови на Артемида 2 и 3 кои би ги испратиле луѓето околу Месечината и назад. Мисијата Артемида 3, која би можела да биде лансирана дури во 2026 година, се очекува да ги врати луѓето на површината на Месечината за прв пат по Аполо 17 во декември 1972 година, пишува Гардијан.