Оградата не заврши работа: И натаму се фрла и пали отпад во депонијата во Никуштак

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Депонијата во Никуштак и натаму е отворена за фрлање и палење отпад, иако околу коловозот е поставена метална ограда. Поставена е ограда но е оставен мал простор, доволно за да влезе камионот на општина Липково, да го фрли ѓубрето собрано од сите села. Иако општина Липково неколку пати бараше преместување на оваа депонија, тоа не беше дозволено од Министерството за животна средина. А за да се воспостави некаков ред, градоначалникот на општина Липково вели дека ангажирале лице кое во текот на денот ќе дежура овде. Најави и поставување камери.

-И ја ставивме оградата околу регионалниот пат. Назначивме лице кое во текот на денот ќе биде овде како чувар. Имаме и некои неодговорни луѓе кои фрлаат разно ѓубре од автомобилите и потоа предизвикуваат разни штети а ќе се постават и 24-часовни безбедносни камери, вели градоначалникот на Липково, Еркан Арифи.

ТВ21: Дали камерите се поставени?

Арифи: Не, камерите се уште не се поставени, но тие ќе бидат за уште поголема безбедност…

Арифи додава дека најдобро решение е да се изгради фабрика за рециклирање во Крива Паланка, проект кој започна во 2018 година.

-Идејата што беше во 2018 година, колку ќе може да се реализира е друга работа. На ниво на регионот треба да се најде адекватно решение, да се изгради фабрика за рециклирање и ова место да служи само како трафостаница и верувам дека тоа е трајно решение, вели градоначалникот на Липково, Еркан Арифи.

До каде е постапката за отпочнување на изградбата на оваа фабрика го прашавме министерот за животна средина Изет Меџити. Не ни кажа за фабриката, но најави дека заедно со депонијата во Никуштак уште пет локации во Ликова ќе се трансформираат во зелени површини.

-Во наредните денови не само во Никуштак туку и на уште четири-пет локации во општина Липково Министерството за екологија ќе ги чисти депониите и тие површини ќе ги трансформираме во зелени површини, изјави министерот за животна средина, Изет Меџити.

За одржување на животната средина во рамките на министерството работи и Еколошкиот инспекторат кој има задача да открива и изрекува казни за физички и правни лица кои ја загадуваат животната средина. Но, како што рече новата директорка на Инспекторатот, Ивана Гиновска, на Инспекторатот му недостига кадар.

Инаку, поради палење отпад во депонијата во Никуштак, пред неколку месеци од густиот чад и намалената видливост, се судрија два автомобили. Оваа депонија служи за фрлање на отпадот од домаќинствата на општина Липково, задача што ја врши општинското претпријатие „Борови“ во Липково.