Охридското Езеро и Националниот парк Маврово се најдоа на листата на осумте најдобри туристички дестинации на Балканот за 2026 година, објавена од американскиот портал „Кварц“ (Quartz). Двете македонски дестинации се рангирани на четвртото и шестото место, со што Македонија доби значајно признание за своите природни убавини и туристички потенцијали.
Американскиот портал го опишува Балканот како еден од најпотценетите региони во Европа, кој нуди богато културно наследство, живописни пејзажи, историски градови и автентична гастрономија.
Охридското Езеро го зазема четвртото место на листата, благодарение на своите природни убавини, историското значење и културното наследство заштитено од УНЕСКО. Регионот се издвојува како привлечна дестинација за туристите кои сакаат да уживаат во природата, историјата и традицијата.
Националниот парк Маврово е рангиран на шестото место, како една од најинтересните дестинации за љубителите на планинарењето, недопрената природа и традиционалниот начин на живот. Паркот нуди можности за активен туризам и истражување на планинските предели.
Првото место на листата му припадна на Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, кој е препознаен по богатата историја, спојот на различни култури и специфичната атмосфера. На втората позиција се најде Котор во Црна Гора, додека третото место го освои Истра во Хрватска.
Меѓу останатите препорачани дестинации се Албанската ривиера на петтото место, Приштина на седмото и хрватскиот остров Брач на осмото место.
Од „Кварц“ им препорачуваат на туристите да не се обидуваат да го посетат целиот Балкан во едно патување, туку да изберат неколку земји и да одвојат повеќе време за запознавање на нивните природни и културни знаменитости.
Вклучувањето на Охридското Езеро и Маврово на оваа листа претставува дополнителна меѓународна промоција на Македонија како туристичка дестинација.
