Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик, соопштија од Обвинителството.
„Тројцата соизвршители, на 17 септември дошле со товарно возило полно со отпад кај депонијата “Буково”. Започнале да ги горат гумените отпадни кабли со цел да ги издвојат од нив бакарните жици. Од согорувањето се создал чад и биле испуштени штетни материи во воздухот“, се вели во соопштението.
Како што информираат оттаму, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, пред се имајќи ја предвид опасноста од бегство и можноста да влијаат врз сведоци во постапката.
