Две компании и шест лица, преку регистрација на возила проневериле над 2,26 милиони евра. По вчерашната полициска акција, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска отвори предмет, во кој бара притвор за три од вкупно шесте осомничени. За едно лице побарани се мерки на претпазливост, додека други две ќе се бранат од слобода.
Истрагата го опфаќа сопственикот и управителот на осигурителна компанија, со иницијали С.С. од селото Кучевиште. Тој исто така бил неизвршен член на Одборот на директори на компанијата. Со криминалните дејствија, направени од први јануари 2021 година, до 20-ти јануари 2026 година, нанеле штета на неколку институции и општини во износ од над 2,26 милиони евра.
„Како управител на правното лице со дејност вршење технички преглед на возила, првоосомничениот изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта. Раководителот на станицата за технички преглед, како овластено лице, изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци за наплатените надоместоци“, порача ОЈО ГОКК.
Како што велат од Обвинителството, со цел цел прикривање на паричните средства, наплатените надоместоци биле уплаќани на сметки на осигурително брокерско друштво. Извршните членови на Одборот на директори знаеле или требало да знаат дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување. Заедно со неизвршниот член на Одборот на директори, односно сопственикот на компанијата, средствата ги префрлале меѓу сметките на правните лица и ги мешале со приходите од редовното работење, а дел бил употребен и за купување недвижности во корист на компанијата.
„Осомничениот сметководител евидентирал невистинити податоци во сметководствената документација и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на кривично одговорното правно лице“, велат од ОЈО ГОКК.
Меѓу осомничените е и помошник директорка за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта. Како што велат од Обвинителството, таа била должна да ја следи наплатата на надоместоците и да ги проверува доставените извештаи, сепак свесно не ги презела потребните дејствија. Воедно, директно го известувала раководителот на станицата за технички преглед за износите наплатени од сметката на ЈПДП. Инаку, полициската акција е спроведена на 2 и 3 септември на повеќе локации во Скопје. При претресите, полицијата запленила поголема сума на пари, во различни девизи, како и неколку мобилни телефони и две возила.
