Нова ера започнува за македонскиот фудбал! Со почетокот на Првата фудбалска лига в петок, на 8 август, за првпат во историјата на домашниот шампионат ќе се користи ВАР технологијата – системот за видео асистенција на судиите кој веќе го смени начинот на кој се доживува фудбалот на глобално ниво.
Се работи за вкупно три ВАР соби, сервер и контролна просторија се веќе направени по стандардите на ФИФА. Заедно со ВАР системот обезбеди и репортажно возило кое ќе може да се користи за ТВ пренос на натпревари.
„ВАР-системот во Македонија конечно стана реалност. Она за кое работевме макотрпно во изминатиот период неколку луѓе сега стои пред нас. Ја набавивме целосната потребна технологија, имаме три модерни соби кои наскоро ќе бидат брендирани. Судиите ќе имаат целосна комоција. За овие три месеци направивме огромна работа. На многу поголеми федерации од нашата им беше потребна година дена, можеби и повеќе за да го спроведат ВАР системот. Затоа ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание, не им се вруваше дека за толку кратко време ќе успееме да го реализираме овој голем проект“, кажа Омерагиќ.
Проектот ќе го води Дејан Јакимовски, поранешен фудбалски судија, кој ќе биде главен координатор на ВАР-системот. Сите арбитри кои ќе ракуваат со технологијата се македонски судии, што дополнително ја потврдува посветеноста кон развој на домашниот кадар.
До сега, ВАР беше привилегија само за меѓународните натпревари на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.
