Речиси 900 камиони со хуманитарна помош влегоа вчера во Појасот Газа, на третиот ден од почетокот на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, соопштија Обединетите нации.
Со најновата помош, вкупно 2.400 камиони со помош влегле во Газа во последните три дена, а според ОН немало поголеми проблеми со грабежите, пренесе Ројтерс.
Високиот претставник на ОН за помош во Газа и Западниот Брег, Муханад Хади, рече дека имало помали инциденти на грабежи во изминатите три дена, но дека тоа не е организиран криминал.
„Тоа не е организиран криминал. Децата скокнаа на некои камиони обидувајќи се да земат корпи со храна. Имаше и други луѓе кои се обидоа да земат флаширана вода“, им рече Хади на новинарите по посетата на палестинската енклава.
