Обединетите нации алармираа за влошената состојба во образованието во светот. Поради пандемијата со Ковид-19, училиштата се затворени во над 160 земји. Според Генералниот секретар, Антонио Гутереш, со овој чекор е нарушен образовниот процес како никогаш досега. Како што вели, последиците од оваа ситуација можат да доведат до губење на човечкиот потенцијал.
„Живееме во клучен момент за децата и младите луѓе во светот. одлуките кои сега ќе ги донесат властите ќе имаат влијание кое долго ќе трае врз стотици милиони млади луѓе, но и врз развојот на земјите во наредните децении“, истакна Антониот Гутереш.
Но, Северна Македонија сѐ уште нема донесено одлука околу тоа како ќе тече наставата од 1 септември. Комисијата за заразни болести, иако беше најавено, сепак не се сретна со претставниците на МОН, но како што дознаваме, ќе се чека последниот рок, односно 10 август за усвојување на протокол.
„Денеска нема одлука од Комисијата за заразни болести, бидејќи не се одржа средба меѓу членовите и нашите претставници. Известуваме дека протоколите ќе бидат усвоени до 10 август, значи до овој датум ќе бидат изготвени и усвоени протоколите од Комисијата и Владата“, посочи министерството за образование и наука.
Претходно, заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, во интервју за ТВ21, рече дека во игра се три модели за развој на образовниот систем во новата учебна година.
Модели на образовниот процес:
-Прв модел – враќање на децата во училишта, со дистанца и маски
-Втор модел – одделенијата над 15 ученици да се поделат во групи и да ротираат
-Трет модел – онлајн настава со унифицирани платформи во училиштата
„Првиот модел предвидува децата да се вратат на училиште, наставата да ја следат држејќи дистанца и често дезинфицирајќи ги рацете. Школскиот час да трае 20 минути, а во едно одделение да нема повеќе од 15 ученици“.
„Вториот модел предвидува во случај да има над 15 ученици, тогаш да бидат поделени во две групи. Првата група да ја следи наставата од училиште, а втората од дома со дополнителни задачи. Групите ќе ротираат на една или две недели“.
„Третиот модел предвидува онлајн настава. Таа ќе важи за децата со хронични болести и за оние кои живеат во општини каде има голем број случаи на Ковид-19“.
Наумовска, најави дека веќе нема да има онлајн настава преку „вибер“ и „месенџер“ и дека секое училиште мора да унифицира своја платформа.
УНИЦЕФ смета дека една од најпреферираните опции е враќањето на учениците во училиште. Во истражувањето што беше објавено пред неколку дена, оваа организација оцени дека онлајн учењето не било сеопфатно, па затоа предложија учениците да се вратат на традиционалната настава. Ова го потпираат и врз податоците на СЗО – дека децата не можат лесно да се заразат со Ковид-19. Дека инциденцата кај децата е многу мала, потврдува и педијатарот Илбер Кокале. И додека нашата земја ги чека роковите, северната покраина во Германија ги врати учениците во училиштата и покрај предупредувањата за втор брат на Ковид-19 во Европа.
