Онлајн часовите без законска основа? – Министерот Адеми не се откажува: Ако е потребно, ќе усвоиме декрет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Онлајн часовите што се одржуваат доброволно од страна на наставниците и професорите не се предвидени со закон, па затоа се поставува прашање – дали ваквиот вид настава е незаконска и дали ќе биде земена предвид при оценувањето на учениците кои биле дел од часовите?
Техничкиот премиер Оливер Спасовски за „Телма“ рече дека нема можност за онлајн часови кои би биле прифатливи при оценувањето на учениците…

Во МОН се разгледува можноста за вреднување на овие активности кои не се предвидени со закон. Првиот човек на ресорното министерство, Арбр Адеми, за ТВ21 рече дека не се откажува од одржувањето онлајн часови и дека ако е потребно ќе предложи законски измени. За ова прашање, како што вели, веќе ангажирал правни експерти.

„Правните експерти, уште од првиот ден кога беше прогласена вонредната состојба, беа ангажирани од моја страна, за да изготват текстови околу тоа дали има или нема потреба да се усвои декрет“, вели Арбр Адеми.

Ако МОН предложи закон, истиот ќе стапи на сила веднаш, објасни министерката за правда, Рената Дескоска.

Дебатата околу е-наставата започна откако вчера министерот Адеми, по средбата со ректорите на јавните и приватните универзитети, извести дека од следната недела ќе треба да организираат вакви часови за студентите, поради затворањето на сите училишта и универзитети во земјата како последица на коронавирус. Но, веќе онлајн часови почнаа да се одржуваат, како во средните училишта, така и во државните и приватните факултети. За настава од ваков формат, професорите користат разни платформи. Проблем останува оценувањето на студентите кога ќе дојде време за полагање на колоквиуми и испити.