По една година „онлајн настава“ средношколците по вторпат, со маски и дистанца седнаа во школските клупи. Се потпишаа на вториот екстерен испит, односно испитот по предметот кој го избрале – математика, странски јазик, филозофија или естетика.
Директорот на Средното училиште „Зеф Љуш Марку“, Фарук Зеќири, вели дека им недостасувале учениците и се надева дека од септември наставата ќе се врати во нормала.
-Дефинитивно ни недостасуваа учениците во целата учебна година. Ова е првпат од почетокот на пандемијата да има ученици во нашето училиште. Сѐ тече како што треба, согласно сите протоколи за спроведување на државната матура-вели Фарук Зеќири.
Учениците, наставата од далечина ја следеа преку онлајн платформата „Микрософт Тајмс“, што имаше негативно влијание врз нивниот успех
-Според анализите, имајќи предвид дека вчера заврши учебната 2020-2021, имаме ученици кои покажаа послаби резултати отколку со физичко присуство. Меѓутоа, се надеваме дека во наредната учебна година сѐ ќе биде во ред, ќе почнеме со физичко присуство и дека состојбата ќе биде подобра-рече Зеќири.
Оваа учебна година во услови на пандемија поминала со добри резултати, вели министерката за образование, Мила Царовска.
Сѐ уште не се знае како ќе се одвива наставниот процес во новата учебна 2021/22 година. Од МОН велат дека во соработка со Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе донесат одлука која ќе зависи исклучиво од епидемиолошката состојба во земјава.
