Родителите сакаат онлајн настава за нивните деца, бидејќи сметаат дека е побезбедна од здравствен аспект. Околу 60% од анкетираните родители се за настава од дома, покажуваат резултатите од истражувањето на „Меѓаши“. Од друга страна пак, околу 45% се за комбинирана настава, а 35% од испитаниците сметаат дека децата треба да одат на училиште поделени со помали групи, кои ќе одат во смени со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата. Поголем дел од испитаниците, односно 58,2 отсто сметаат дека нивните деца преку онлајн наставата се стекнале со подобри оцени, но со помалку знаења.
Онлајн наставата ги отуѓи децата, односно ги оддалечи од дружењето со нивните врсници. 60% од родителите забележале негативни промени кај средношколците, како што се: депресија, незаинтересираност за учење, нередовна исхрана и социјално изолирање, објаснува истражувачката Наташа Павичевиќ Стојменовска.
Педијатарот Мими Кимовски, вели дека иако коронавирусот кај младата возрасна група е застапен околу 20%, сепак ако учениците одат да училиште, вирусот може лесно да се прошири. Таа бара децата да се тестираат почесто и бесплатно.
Од Првата детска Амбасада „Меѓаши“ велат дека се загрижени за двете форми на настава. Со онлајн наставата кај децата се создава отуѓеност, агресивност и не е доволно квалитетна. Драги Змијанац вели дека онаму каде што нема заразени, децата може да одат на училиште со безбедносни протоколи. Амбасадата „Меѓаши“ направи истражување за формите на настава, а беше опфатено мислењето на 1.003 родители.
