Во гостиварската болница бројот на пациенти кои бараат медицинска помош бележи значително намалување. Според директорот на болницата, околу 117 пациенти се јавиле за да примат терапија по труењето од водата. Сите пациенти имаат исти симптоми: температура, дијареја, повраќање и општа телесна слабост.
„Бројот на пациенти продолжува да се намалува. На 23.07.2026 година, на Инфективното одделение имавме околу 82 нови пациенти. На Педијатриското одделение бројот е исклучително мал – вкупно 33 пациенти, а во Ургентно имавме само двајца нови пациенти. Вкупно се 117 пациенти, што е релативно помал број во споредба со претходните денови. Значи, имаме тренд на намалување. Сите пациенти се јавуваат со исти симптоми“, изјави Емри Бајрами, директор на Гостиварската болница.
Болницата и понатаму располага со доволни количини лекови, за пациентите да ја добијат потребната терапија. Денес компанијата „Алкалоид“ донираше значителна количина инфузии и ампули кои во моментов се неопходни.
Од Центарот за јавно здравје во Гостивар не соопштуваат информации за резултатите од последните анализи на водата. Според извори на ТВ21, причината е што Центарот за јавно здравје во моментов е под истрага.
Во меѓувреме, од Центарот за управување со кризи информираат дека на пет локации во Гостивар се дистрибуира техничка вода со цистерни со капацитет од 3 до 13 тони, како и вода за пиење за граѓаните.
„Тетово е тука, секогаш, значи со повеќе цистерни од ТППЕ Тетово доаѓаат. Вчера беше вклучена и Општина Боговиње. Град Скопје, од јавното комунално претпријатие, беше испратена вода. ТЕЦ Осломеј ни испрати една цистерна и сега ја чекаме, се врати за да се полни таму. „Бехтел и Енка“ денес доставија 13-тонска цистерна со питка вода. Од Кавадарци имаме една цистерна осумтонска, и неа ја полниме со питка вода и една цистерна од Неготино со пет тони питка вода“, вели Јованка Ставревска Данаковска од ЦУК Гостивар.
Сè уште не е познато кога точно водата во Гостивар ќе може повторно да се користи, дури и за технички потреби.
Очекувањата, кои вчера ги сподели и премиерот Христијан Мицкоски, се дека до крајот на неделата водата во Гостивар ќе биде технички исправна, а до крајот на следната недела ќе биде безбедна и за пиење, секако доколку сè се одвива според планот.
Според Центарот за управување со кризи и Центарот за јавно здравје, забраната за користење на водата од чешмите сè уште останува во сила.
