Од Јавното обвинителство велат дека разбојништвото во продавницата на „Нептун“ извршено пред два дена, се одвивало така што еден од осомничените застанал пред вратата за да ги спречи да излезат присутните од објектот, додека другиот осомничен влегол позади пултот од каде одзел пари од касите, па заканувајќи се со оружјето побарал од вработените да му го отворат сефот од каде одзел црвена метална каса со пари и вредносни ваучери. Одзеле околу девет илјади евра. Но, по излегувањето од продавницата, веднаш паднале во рацете на полицијата, која добила дојава за разбојништвото. Полицијата, велат од МВР, била толку брза поради акцијата која се спроведува веќе извесно време за сузбивање на грабежи.
„Оперативната акција „Чистач“ на Министерството за внатрешни работи е започната од почетокот на септември и е на територијата на целата држава.“, вели Гоце Андреевски.
Со оваа акција на стратешки места во градовите МВР распоредува припадници на Единицата за интервентна полиција, кои откако ќе добијат дојава за грабеж или разбојништво, интервенираат најбрзо што можат. Во случајот кај продавницата на „Нептун“, тоа било при самиот грабеж.
„Граѓаните кога ќе забележат било какво вид разбојништво во обид, кражба или било каков друг вид на криминал се должни веднаш да се јават во полиција на телефонскиот број 192 или 112 или да пријават во најблиската полициска станица“, вели Гоце Андреевски.
Иако грабежот се одвиваше во центарот на Скопје каде има многу граѓани, а полицијата испукала два куршуми, според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, немало опасност по сигурноста на присутните.
„Пукано е во воздух од страна на полициските службеници во знак на предупредување на сторителите на разбојништвото, тоа е оперативна процедура дозволена согласно подзаконски акти кои што ги имаме кај нас…“, вели Панче Тошковски.
Од МВР велат дека акцијата „Чистач“ веќе ги дава резултатите и намалени се грабежите и разбојништвата.
