Опозицијата насмеана: Се засилуваме со Меџити – Адеми: Ахмети беше добар со нив, жал ни е што го избрале овој пат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската опозиција со отворени раце го пречекува Изет Меџити во опозицискиот фронт. Пратеникот на Беса, Фадиљ Зендели, вели дека на овој начин опозицијата се засилува, а парламентарното мнозинство станува уште покревко.

„Се намалува парламентарното мнозинство, особено ДУИ, политичка партија која цело време се повикуваше на јавното мислење дека се кохерентна партија и дека имаат стабилност, но во реалноста докажаа дека се политичка партија која се расцепкува. Направена е поделба и сега како што гледате, политичка групација со одредени пратеници веќе премина во опозиција, а тоа значи дека опозицијата се зајакнува, особено албанската опозиција. Движењето Беса -Алтернатива веќе функционираат, зајакнувањето со оваа група уште повеќе ја зајакнува албанската опозиција во Собранието“, вели Фадил Зендели.

Но, Арбр Адеми од ДУИ вели дека мнозинството не се менува и дека останува во истата бројка како што беше пред да се формира оваа Влада. Тој додаде дека му е жал што пратениците Меџити и Коџаџику го избрале овој пат.

„Го изразуваме нашето длабоко жалење за патот што го избраа двајца наши пратеници, бидејќи од медиумите бевме информирани дека се определиле за некој друг политички пат, но јавноста знае, вие знаете, дека биле добро третирани, имале високи политички функции во ДУИ од самиот претседател Али Ахмети. Исто така, тие беа третирани со грижа и беа носители на институционалните одговорности како резултат на довербата што им е дадена од ДУИ и граѓаните“, посочи Арбр Адеми.

Инаку освен Меџити и Коџаџику и пратеникот Кастриот Реџепи вчера изјави дека ќе се приклучи на новата партија на Меџити. Откако им се разделија патиштата со Беса, тој делува како независен пратеник.