Владејачкото мнозинство бара да не се блокира законот за работни односи со кој ќе се овозможи 60-часовна работна недела, што е дел од договорот со Бехтел и Енка при изградбата на коридорите 8 и 10Д.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми вели дека не се работи за одредби од законот кои се неуставни, бидејќи како што вели тој, за ова се консултирани експерти. За измените на законот за работни односи поднесени се над илјада и 100 амандмани од Левица, но неофицијално мнозинството се договориле да се направи спојување на овие амандмани и да се сведат на десетина.
„Имајќи предвид дека се поднесени повеќе од илјада амандмани станува збор за блокада, бидејќи нема смисла на предлог закон со три члена да има повеќе од илјада амандмани. Проектот ќе се реализира со или без овие закони бидејќи сите овие закони се во согласност со специјалниот закон кој е донесен од страна на Собранието повеќе месеци наназад или повеќе од една година“, вели Арбр Адеми.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со критики, велат власта предлага скандалозни закони.
„Ова се е само со една цел, донесување на скандалозни закони, надвор од процедура со кршење и непочитување на Деловникот, со игнорирање на синдикатите, работниците, граѓанскиот сектор па и на Уставниот суд и неговата минатогодишна одлука за укинување на 60-часовна работна недела. Донесувањето на овие закони со кои ќе се олесни криминалното работење на оваа Влада предводена од ДУИ и нејзиниот помал коалиционен партнер СДСМ води до ваква нефункционалност и до моделирање на закони по теркот на владината криминална клика“, вели Дафина Стојановска.
За можноста за надминување на блокадата од над илјада амандмани преку нивно спојување, од Левица велат дека нема да се откажат да го спречат носењето на измените на законот.
„Ние имаме поднесено 1.111 амандмани, ако бидат сведени на 10,20,30, секогаш останува можноста со говори да се блокира, значи тоа е тој традиционален филинбастеринг и апсолутно мислиме да го искористиме“, порача Борислав Крмов.
За денеска беше закажана седница на Комисијата за труд и социјална политика, но во текот на претпладнето се одложи. На неа требаше да почне амандманската расправа за измените на законот за работни односи со кои за изградба та на коридорите 8 и 10Д од конзорциумот Бехтел и Енка работната недела треба да се зголеми од 40 на 60 часа.
