Огранокот на ДУИ во Тетово упати обвинувања на адреса на директорот на средното медицинско училиште Биназ Пајазити. Општинскиот советник Лиридон Диша рече дека во ова училиште има големи злоупотреби во купувањето униформи, тендерите за реновирање на објектот и организирање екскурзии.
-Бараме од конкретното лице што поскоро да си даде оставка или да биде разрешен од секторот за образование, како и назначувањето нов директор да не се прави врз основа на гласови, туку на квалитет, капацитет и способност за менаџирање, вели Лиридон Диша, советник на ДУИ.
Директорот Бинас Пајазити за сето ова рече дека е измислица. Изјави дека училиштето нема никаков долг освен 11 милиони денари за јавен транспорт, што според него, всушност е долг на сите средни училишта во Тетово. Одговори и за другите обвинувања:
-Со полна одговорност констатирам дека на 28.05.2023 е направена редовна ревизија од страна на општината и се е според законот и потребните процедури, вели Бинас Пајазити, директор на средно медицинско училиште.
Од Секторот за образование на општина Тетово велат дека доколку се откријат злоупотреби од ревизијата ќе се преземат мерки.
-Во средното медицинско училиште, според информациите што ги имам, извршена е и општинска ревизија и се чека конечен извештај од општинската ревизија и доколку наидеме на некакви неправилности или прекршоци, нормално дека ќе бидат преземени мерки од основачот, изјави Назми Даути од образовниот сектор на општина Тетово.
За потсетување, за истото училиште, ТВ21 пред неколку недели објави за злоупотреба на декларацијата за етничка припадност при пријавување на учениците, каде за полесно да се запишат, учениците Албанци се декларирале како Роми. Ова подоцна го констатирал општинскиот инспекторат, по што голем број ученици ги повлекле документите, заедно со заверените изјави на нотар.