22 милиони евра е долгот на општина Охрид, за кој што градоначалникот на оваа општина Кирил Пецаков вели дека го наследил од претходниот градоначалник. Тој вели дека неговиот најголем предизвик е реализацијата на проекти со толку огромен долг.
Прашавме дел од охриѓани што очекуваат од новиот градоначалник на овој град?!
„Тој нема средства, каде ќе има средства, се е однесено, дојди ти на празен џеб.. што ќе правиш? Ништо! Се е однесено, можеби ќе биде подобро“.
„Мислам дека овој градоначалник кој дојде сега ќе направи се за да го спречи губењето на статусот на УНЕСКО“.
Сепак, Пецаков вели дека се трудат да реализираат проекти со средства преку Европската банка и Светската банка, како и Бирото за регионален развој. Тој рече дека Владата не подала рака да им помогне на општините околу цената на струјата, прашање што ги загрижува сите градоначалници. Што се однесува до плажите и летната сезона во Охрид, рече дека плажите се трудат да ги исчистат, но ќе бидат неуредени како лани, за што ја обвини власта.
Во однос на изградбата на пристаништето во таканареченото Студенчишко Блато, Кирил Пецаков беше дециден во својот одговор дека нема да се гради пристаниште во тој дел на Охрид кој е исклучително фреквентен во летната сезона.
