5 милиони евра изнесува долгот на Општина Струга, додека не се знае точниот износ на дополнителниот долг кој е во постапка. Со овој долг се обидува да опстои општината, рече градоначалникот Менди Ќира.
-Долгот кој е врз основа на извршни постапки изнесува 5 милиони евра, додека останатите долгови се екстра и не се документирани, бидејќи се во тек постапки во кои се пресметуваат и други трошоци, како камати и слично. Засега сме фокусирани на долгот од 5 милиони евра, за да го отстраниме товарот што му штети на развојот на нашата општина, изјави Менди Ќира, градоначалник на општина Струга.
Неодамна превозниците на ученици од неколку села во Струга најавија бојкот на ученичкиот превоз поради неплатениот долг од страна на Општината. Градоначалникот Ќира вината за ова ја насочува кон претходното раководство.
-За жал, станува збор за стар долг кој превозниците го побаруваат и кој се акумулирал со години. Секако, со моето доаѓање во општината извршивме исплата од 1 милион и 400 илјади денари, додека останаа уште 55 до 60 илјади евра за исплата. Она што е најважно да се истакне е дека ова е поттикнато и од СДСМ, која излезе со појаснување за нивниот долг, создаден во изминатите години кога тие беа на власт, и бараат од актуелната власт да го исплати, изјави Менди Ќира, градоначалник на општина Струга.
Превозниците разговарале со градоначалникот на Струга и дискутирале заеднички за тоа како да се најде конкретно решение за ситуацијата.
