Три недели откако Владата со писмен допис побара од општина Центар да ја избрише маркицата за Порта Македонија, Општина Центар и Министерство за култура си ја префрлаат топката за тоа кој треба да руши.
„Во Општина Центар до овој момент не се отпочнати постапки за отстранување на градбите кои се предмет на вашиот интерес, затоа што општината не може да отстранува објекти за кои не издала одобрение за нивно градење. По добивањето на дописите од останатите надлежни државни институции, состојбата околу овие градби ќе биде јасна и општината ќе може да ги испланира следните чекори“, велат од Општина Центар.
Тв 21 го контактираше и Министерството за култура од каде што преку соопштение ни одговорија:
„Во врска со барањето на општина Центар околу можноста за уривање и какви чекори ќе се преземат за да се реализира тоа, информираме дека Министерството за култура е инвеститор, но, Општината има надлежност над планирањето, дозволите за градење како и прогласување на дивоградби и постапување по дивоградби, што не е надлежност на Министерството за култура“, посочуваат од Министерството за култура.
Пред неколку недели Владата достави барање до Општина Центар од новиот детален урбанистички план „Мал ринг“ да се избришат маркичките на Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза кој се наоѓа во непосредна близина на хотел Мериот. Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“ која беше формирана од Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 година, за овие два објекти кажа дека се дивоградби и при нивната изградба прекршени се низа закони. Во тек на јавната анкета што летово ја спроведе Општина Центар по Деталниот урбанистички план – Мал Ринг, Општината ги добила на увид сите стручни мислења во врска „Скопје 2014“. Дополнително , свои мислења дадоа и Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање.
