Општините во криза – сметките за струја неколкукратно повисоки од претходната година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општините продолжуваат да се жалат на високите сметки за струја. Првиот човек на Тетово, Биљал Касами, вели дека само за јавното осветлување им стигнале сметки 10 пати повисоки од претходните месеци. Додава дека импликациите се големи и дека општината веќе го потрошила буџетот предвиден за електрична анергија.

„За мене како и за многу други градоначалници е нејасно како може јавното осветлување да се пушти на слободен пазар ако јавното осветлување не е јавен интерес и да нема субвенционирана електрична енергија, тогаш не знам што може да биде“, истакна Биљал Касами.

И градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, вели дека ноемвриската сметка за струја била 730 илјади денари, а сега скокнала на 4,8 милиони денари. Побара помош од Владата, но во форма на субвенции. 

Финансиските проблеми ги спречуваат општините да спроведуваат проекти во полза на граѓаните, вели претседателката на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Данела Арсовска.

Во наредните денови се очекува Владата и општините да седнат и да поразговараат со цел изнаоѓање решение за финансиските проблеми со кои се соочуваат општините поради високите сметки за струја. Најпогодени од кризата се помалите општини, каде постои опасност и општинските објекти да останат без струја.