Владата засега не знае како брзо и ефикасно да го реши проблемот со долгот што го имаат 90 општински комунални претпријатија поради неплатени сметки за електрична енергија. Заклучно со декември 2024 година, општинските јавни претпријатија должат 113 милиони евра, а дел од овој долг е поради неплатени сметки за електрична енергија.
Овие комунални претпријатија пред се се општинските водоводи и канализации кои ја користат електричната енергија за работа на пумпите кои овозможуваат снабдување на граѓаните со вода, но и отстранување на фекалните и атмосферски води.
„Сакаме да направиме едно системско решение, значи тоа нема да биде сега е зима, значи ние најпрво да се погрижиме зимата да заврши да имаме се тука како што треба, но работиме на една балансна група во која што ќе бидат сите овие претпријатија и ќе видиме какви ќе се можностите и кои ќе бидат цените. Значи не можеме утре задутре да донесеме одговор, меѓутоа на почетокот на вториот квартал ќе имаме повеќе сознанија и пресметки.“, вели Сања Божиновска.
Овие јавни претпријатија во писмото до владата побараа да им се овозможи да купуваат струја по цена која државното ЕСМ ја продава на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, од каде се снабдуваат домаќинствата. Но, дел од овие претпријатија поради непознати причини, решиле да се снабдуваат со електрична енергија од снабдувач во краен случај, односно не избрале компанија од каде ќе купуваат струја, со што цената им е далеку повисока и изнесува дневна цена на македонската берза на електрична енергија зголемена за 40 насто.
„Тие, можеби и од незнаење и од немање соодветен стручен кадар, на пример ако не изберат снабдувач тие одат во снабдување во краен случај и самите не се запознаени со последиците од непостапувањето тоа е една работа, а друга работа е се оставени на ризик од берзата.“, вели Сања Божиновска.
Инаку, ако некое претпријатие се снабдува во краен случај, тоа може според закон да го прави најмногу три месеци, по што мора да најде друг, комерцијален снабдувач. Но, сите општини и влади до сега го толерираат ова скапо непочитување на Законот, бидејќи овие претпријатија се од стратешка важност за граѓаните. Божиновска се сомнева дека има случаи каде некои од директорите на јавните комунални претпријатија намерно одат кај снабдување во краен случај и дека ќе се провери дали има основа за одговорност. Регулаторна комисија за енергетика не препорачува овие претпријатија да добијат цена како и ЕВН Хоум за да не се наруши работењето на ЕСМ.
