„Оружје“ на Атина е ново вето – Мицотакис: Му кажав на Мицкоски дека е на НАТО масата поради договорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го откри оружјето за кое зборуваше дека Атина ќе го употреби ако не се почитува Преспанскиот договор – евроинтегративниот пат на земјава. Според него, грчката позиција по ова прашање е апсолутно разбирлива и кај европските партнери, од кои имал поддршка.

„Дакт е дека не може да има никаков пристап до Европа, ниту чекор, ако не се реши прашањето преку јасна изјава на раководството на соседната земја дека ова е името на државата и важи за сите“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.

Мицотакис, во телевизиско интервју, повтори дека уставното име е за севкупна употреба. Истото му го кажал и на премиерот Христијан Мицкоски на НАТО Самитот, пред останатите лидери од Алијансата.

„На премиерот на Северна Македонија, за време на Самитот на НАТО, апсолутно јасно му ставив до знаење дека тој е на таа маса токму затоа што е потпишан договор, кој тој моментално не го почитува“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.

За разлика од Мицотакис, премиерот Мицкоски последно истакна дека не би било пристојно да открива што се зборувало зад затворени врати.

„Јас нема да зборувам за тоа што се случувало внатре, бидејќи е непристојно да зборувате, а уште повеќе затоа што сте таму под сертификат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски кажа дека бил подготвен да разговара со Мицотакис, но средба немало зашто грчкиот премиер не побарал, веројатно поради набиена агенда.

Инаку, грчките медиуми претходно објавија дека оружјето на Атина е замрзнување на отворање на преговарачките поглавја за Македонија. Воедно, ја споменаа и можноста за блокада на користење на ЕУ-фондовите за земјава, но Мицотакис не сподели детали дали и ваков потег во игра.