Нема нов договор, туку засилување на комуникацијата на повеќе нивоа, вака министерот за надворешни работи Бујар Османи ги отфрли тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека Бугарија побарала нов договор во кој ќе има редефинирање на македонската нација. Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од Договорот, вели Османи.
„Дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата.“
Османи со ова директно алудираше на изјавата на Мицкоски дека Захариева поставила услов за преговорите со Европската унија да се потпише нов договор кој предвидува уставни измени со редефинирање на македонската нација.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ и денеска останаа на истиот став, повикувајќи се на неофицијални извори. Тврдат дека сето ова го договорил премиерот Заев.
„Заев излажа дека ги има затворено клучните прашања за Македонија. Затоа Заев е должен да каже дали последните барања од Захариева се уставни измени по теркот на Договорот со Грција, редефинирање на македонската нација и откажување од македонската историја.“, рече Наум Стоилковски.
Османи во петокот беше во Софија на официјална средба со премиерот Борисов и неговата колешка Захариева, но од нивните изјави нема поместување на ставовите за македонскиот јазик и нација. По ова премиерот Заев рече дека тоа што е предложено од Софија не е пријателски ниту европски и дека треба да бидеме подготвени за блокирање на почетокот на преговорите со Европската унија.
