До одржувањето на декемврискиот Совет на Европската унија има уште еден месец , но во јавноста се повеќе се подгреваат надежи дека токму на овој состанок Македонија ќе ги почне преговорите со Унијата. Од вчера во Брисел е македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи кој денеска имаше средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Османи оцени дека по завршувањето на изборните процеси во Македонија и во Бугарија се отвора патот за решавање на отворените прашања кои доведоа до блокирање на земјава да ги почне преговорите..
„Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија е клучот за деблокирање на целиот регион мислам дека вклучувањето на сите чинители во државата во правец на изнаоѓање решение, во правец на започнувањето на преговорите ќе биде запаметено како суштински придонес не само за државата, туку и за регионот“, истакна Бујар Османи.
Кастриот Реџепи во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус е убеден дека на 14 декември ќе има почеток на преговорите со Европската унија.
„Според моето мислење најголемиот дел беше прашање на датумот, имаше и други работи кои се надоврзуваа како што реков со оставката, Желино, со ова што не го знаев дотогаш, но оди во потребниот правец. Не сакам во ниту еден момент да мислам дека нема да има датум, јас сум убеден дека ќе добиеме датум на 14 декември“, порача Кастриот Реџепи.
Но во последното интервју на Христијан Мицкоски дадено за белградска Политика вели дека во однос на разрешувањето на спорот со Бугарија и почеток на преговорите не очекува да се случат чуда. Балканот е уморен од чекање и лажни надежи вели тој.
„Сметам дека треба да има поголема заинтересираност за Балканот и фактот дека едни со други подеднакво си требаме. Секој напредок треба да биде базиран на вредности и заслуги. Балканот е уморен од лажни надежи и чекање. Не смее да се загуби достоинството во предолго чекање. Одговорноста за ова е на балканските лидери но и на европските. Не смее да се злоупотребува правото на земјите членки на вето кон државите кои реално заслужуваат прогрес“, порача Христијан Мицкоски.
Вчера и шефот на европската дипломатија Жосеп Борел на министерскиот состанок за надворешни работи, истакна дека почетокот на преговорите на Скопје и Тирана се клучни за кредибилитетот на Европската унија. Во јавноста се повеќе се подгрева надеж дека токму овој декември ќе ги почнеме преговорите со Унијата, особено по фактот дека изборните процеси и во Македонија и во Бугарија се завршени и дека има можност да се надминат отворените прашања што ги наметна официјална Софија.
