Османи од Брисел: Европскиот пат е блокиран, Охридскиот договор се урива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што остварува средби со високи претставници на европските институции и на Европскиот парламент.

Првиот ден вчера започна со средби со Емануел Жиофре, директор за Европа во Европската служба за надворешно дејствување (EEAS), и Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во DG NEAR при Европската комисија, како и со европратениците Лукас Мандл (AFET) и Илхан Ќучук, поранешен известувач за Северна Македонија.

Денеска, вториот ден, Османи продолжува со интензивна институционална агенда. Утрото започнало со средба со Андреја Вихер Вајт и Аделе Марсуло од кабинетот на еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Потоа следуваат посебни средби во Европскиот парламент со европратениците Владимир Пребилич, Тајс Реутен и Матијаж Немец.

Во сите разговори доминирале две прашања: сериозната загриженост поради нарушувањето на Охридскиот договор како столб на соживотот и меѓуетничката стабилност.

Османи алармирал дека се спроведува подготвен и организиран план за поништување на мировниот договор, план кој веќе ги урнал неговите главни столбови, оставајќи вакум и сериозна непредвидливост што лесно може да биде злоупотребена од трети страни. Тој зборувал и за итната потреба од надминување на блокадата во процесот на европска интеграција, особено имајќи го предвид моментумот на проширувањето и напредокот што го постигнаа Црна Гора и Албанија.

Османи нагласил дека внатрешната и надворешната интеграција бараат храбри одлуки во државата, но и јасен и континуиран ангажман од европските партнери.