Османи по реакциите за Сребреница: Ова не е однос кон Србија или српскиот народ, туку кон едно злосторство!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска во интервју за Телевизија Пинк го праша министерот за надворешни работи Бујар Османи како ќе се постави државата за Резолуција што Србија би ја поднела против Хрватска или некоја друга земја за геноцид.

„Уште треба да им аплаудираме, што вели овој Бујар Османи, Србија да се придружи на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, па баш ме интересира како они, ако Србија поднесе Резолуција некоја за геноцид над Србите, пример од страна на Хрватска или од страна на Германија, како они би се изјасниле, ќе се приклучат ли на сето тоа?“, порача Дачиќ.

Министерот Османи денеска на прес конференција упати реакција дека ова не е однос кон Србија или српскиот народ, туку однос кон едно злосторство.

„Не очекував реакции, дури сум малку и шокиран од реакциите на дел од граѓаните кои мислам дека се поттикнати од одредени политички партии. Не смееме да реагираме на оваа тема зашто ова прашање влегува во делот на негирање на геноцидот и тоа е строго забрането… Веќе има одлука на Меѓународниот суд на правдата што неделата во Сребреница ги имаат прогласено за геноцид и тие судски одлуки веќе ниту може да се коментираат, ниту да се интерпретираат“, рече Османи.

Тој потсети дека во македонскиот парламент во 2010 година е изгласана декларација со која се поддржува Европската резолуција за прогласување геноцидот во Сребреница.

„Така што, мислам дека овие реакции и интерпретации се жални, бидејќи немам дилема дека кој било граѓанин во Република Северна Македонија нема да го осуди убиството во еден ден на над 8000 цивили – деца, возрасни, кои биле истребени, иако со одлука на Советот за безбедност било прогласена безбедна зона“, изјави Османи.