Османи: Предлогот се прифаќа доколку се реши протоколот – Давкова го нарече потрошен политичар и лош доктор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доколку се најде решение за протоколот, останатиот дел од францускиот предлог може да биде прифатен од нас. Вака синоќа во емисијата 10 минути на ТВ21 изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој додаде дека е во постојана комуникација со Франција и Бугарија за да се дојде до предлог кој ќе ги земе предвид чувствителните прашања.

„Мислам дека има доволно простор француското претседателство да може да ги реши чувствителните прашања за нас и  за Бугарија. Рековме дека нашите чувствителни прашања се јазикот, историските прашања не треба да бидат основа на европскиот процес и се подразбира дека преговорите треба да почнат  пред да почнеме со уставните измени. Бугарската страна има уставни измени, етнички и малцински права“, истакна Бујар Османи.

Но за нарушување на преговарачките позиции и државната стратегија Османи обвинува друг. Тој рече дека имало свесни обиди да се уништи државната стратегија, без да прецизира кој го направил тоа, но само додаде дека сето тоа ќе се испитува во наредниот период.

„Имаше луѓе кои им се јавија на министрите, уредниците на медиумите, политичките партии во Македонија, давајќи им лажни информации, а тоа се случуваше кога немавме јавен став, додека јас објаснував зошто немаме став,  затоа што се договоривме дека додека не се изгласа доверба на бугарската Влада нема да влијаеме воопшто“, посочи Османи.

Но, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановски-Давкока, за надворешнополитичките пропусти го обвини министерот Османи, кого го нарече лош доктор.

Инаку, Османи синоќа нагласи дека францускиот предлог не е отфрлен во целост, туку само спорниот дел за Македонија, како што се јазикот, идентитетот и историските прашања.