По влегувањето на Бугарија во политички хаос откако повторно не може да формира Влада, неизвесноста околу преговорите на земјава со источниот сосед се продлабочува. Министерот за надворешни работи Бујар Османи е разочаран од тоа што и на овие повторни избори Бугарија не може да формира влада а со тоа и политички институции со кои би можеле да ги продолжиме преговорите.
„За жал не се охрабрувачки вестите кои што доаѓаат од Бугарија во делот на формирање на институциите, бидејќи како што често нагласувам очигледно тоа се покажа како важен фактор во изнаоѓање на решенија за надминување на разликите кои што се причина за оваа непринципиелна блокада на нашата европска перспектива. Ние бевме во очекување дека во овој втор обид дека ќе има институции за да можеме во тој политички дел да комуницираме и да изнаоѓаме решение.“, вели Османи.
И покрај ваквиот развој на настаните Османи сепак не го напушта оптимизмот и вели дека е можен некаков позитивен исход на самитот на Самитот на Европската унија на 6 октомври. Но колку е тоа реално, не само октомври, туку и на Советот за општи работи во декември кога се носат одлуки за старт на преговори?
„Ситуацијата во Бугарија е до тој степен да одлуката не може да се донесе без да се формираат институциите. Меѓутоа ние продолжуваме, ќе продолжиме да комуницираме како што комунициравме претходните денови на ниво на експерти со Министерството за надворешни работи и со техничката влада таму убедувајќи дека не смее регионот и европската перспектива на регионот да биде заложник на внатрешните политички динамики во било која земја членка“, рече Османи.
Откако партијата Има таков народ на Слави Трифонов се откажа од формирање Влада, втората партија која треба да го добие мандатот ГЕРБ на Бојко Борисов најави дека и тие ќе го вратат мандатот.
„Ако дојде нашиот ред да добиеме мандат, ќе го предложиме на парламентарната група заменик претседателот Дани Митов и ќе го претставиме пред претседателот, составот на кабинетот за луѓето да можат да споредат тоа што го предлагаме ние со сите други. И веднаш ќе го вратиме мандатот“, вели Борисов.
Политичкиот ќор-сокак на Бугарија уште повеќе ја зголемува неизвесноста на Македонија за почеток на преговорите со Европската унија, поради блокадата од страна на официјална Софија. Се најавува дека наскоро Бугарија ќе мора по трет пат да организира парламентарни избори.
