Македонија утре во Брисел ќе ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ. Веднаш потоа почнува скринингот кој ќе трае година и пол, а по завршувањето на тој процес се планира следната меѓувладина конференција, но пред тоа мора да се направат измени на Уставот.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е уверен дека уставните измени ќе се случат со овој парламентарен состав и покрај тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потпишале нотарски изјави дека нема да гласаат. Тој додаде дека она што сега го прави опозицијата е само за добивање политички поени.
„Во овие две години во кои работев на овој проблем разговарав со сите политички партии, вклучително и опозицијата и точно го знам нивниот став во однос на уставните измени во однос на вклучувањето на другите заедници. Она што го гледаме денес е партиска политика, да се трча по емоции, по политички поени, но верувајте го знам ставот на сите политички партии и врз основа на тој став го конструирав ова добро решение“, вели Бујар Османи.
Но, лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи отворање на Уставот и дека преговарачката рамка останува само неодобрена рамка.
Доколку сите пратеници од парламентарното мнозинство, вклучително и малите партии кои се во коалиција со СДСМ, пратениците Албанци од опозицијата и независните пратеници како Кастриот Реџепи и Скендер Реџепи гласаат за уставните измени, тогаш на парламентарното мнозинство му треба уште 5 пратеници да направат уставни измени. Алијанса за Албанците и БЕСА најавија поддршка за уставни измени, но со барање кога ќе се отвори Уставот да се тргне дефиницијата од 20 отсто за Албанците. Инаку, според протоколот, Бугарите треба да бидат вклучени само во преамбулата и во 12-от амандман на Уставот, каде се споменуваат етничките заедници.
