Со креда во рака пред табла како на училиште, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја објаснуваше суштината и практично го црташе процесот на одвивањето на Преговарачката рамка. Дозволете сликовито да ја објаснам Преговарачката рамка во неколку чекори за да ги демантирам сите шпекулации по однос на нејзината содржина, рече на почетокот шефот на македонската дипломатија.
Тој најпрво објасни дека Преговарачката рамка се состои од два дела општ и специјален дел, во кој во општиот дел се одредниците за кој нема писмен извештај од страна на Комисијата и не претставува можност за било каква пречка односно нема да има гласање од земјите членки на Унијата. Но потврди дека е можно Македонија да има пречка од бугарска страна во специјалниот дел каде се 35-те поглавја и каде при гласањето од земјите членки Бугарија може да не блокира..
„Евентуално нова пречка на патот може да има само во однос на овие одредници. А одредниците се содржани во трите патокази кои што ќе ги подготвиме после скринингот и ќе ги усвои Европската унија. Во еден од патоказите, патоказ за владеење на право се наоѓа Акциски план за малцинства. Само ова прашање од, ако може да кажеме, од односите со Бугарија е одредница за која писмен извештај и ќе има гласање и евентуално може да биде некоја хипотетичка пречка“, вели Бујар Османи.
Она што е важно е дека во ниту една од одредниците кои се наоѓаат во специјалниот дел нема никаква поврзаност со Договорот со Бугарија, тие се наоѓаат во општиот дел и не можат да бидат пречка, рече Османи.
„Значи во ниту едно од овие патокази, одредници или скалила има прашања од Договорот со Бугарија, Историската комисија, прегледите од член 12. Тие се наоѓаат во општиот дел, значи и Договорите и Договорот со Бугарија и прегледите од член 12 од истиот Договор. Тие се наоѓаат во општиот дел за кој што нема писмен извештај и нема гласање и оттука не можат да бидат на патот на државата во Европската унија“, истакна Бујар Османи.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Бугарија продолжува со негаторскиот однос кон нашата земја кој сакаат да го наметнат како услов за нашиот евроинтегративен пат. Оттаму велат дека уставните измени не се единствениот услов и дека Бугарија ќе продолжи да не блокира и условува на патот кон ЕУ.
„Уставните измени кои ги пропагира власта на Ковачевски не се единствен и последен услов, туку после ќе следат уште многу други, а евроинтегративниот пат кој го застапува Ковачевски е слепа улица. Новите пораки од Софија се потврда зошто не треба да се случат уставните измени под бугарски диктат без сериозни институционални гаранции на европските институции за перспективноста и пристапниот пат на Македонија и за долговековниот македонски јазик, историја и идентитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Европската комисија го објави нацрт-извештајот од скринингот за Кластер 1 Фундаментални вредности. Генералната оценка е дека земјава е умерено подготвена за членство во Европската Унија во однос на легислативата и нејзиното спроведување во пракса во согласност со стандардите на ЕУ.
