Истражувањето на професорот по математика, Сатки Исмаили, во основното училиште „Кирил и Методиј„ во Тетово покажува дека основците носат ранци со голема тежина.
„Истражувањата покажаа тоа што ние го гледаме постојано кај нашите ученици, истражувањето е само истражување, но ние направиме и мерење на ранците кај учениците и во прво одделение, просечната тежина на еден ранец е 4.5 кг, во петто одделение е 6.4 кг, а просечната тежина од прво до петто одделение е 5.6 кг по ранец. Од направените истражувања, просечната тежина на училишните ранци од 5-то до 9-то одделение е уште позагрижувачки, е повеќе од 6.5 кг и има ученици кои беа дел од истражувањето со ранци од над 8 килограми.“, вели Сатки Исмаили.
Според Исмаили, во развиените европски земји, просечната тежина на училишните ранци е 1.5 до 2.5 кг.
„Препораките на експертите кои се во врска со возраста, покажуваат дека зависно од тоа колку тежи ученикот, е од 10% до 15%, се препорачува 10 отсто, замислете на глобално ниво учениците од 6 до 7 години треба да имаат ранци од 1.5 до 2.5 кг, а кај нас учениците од прво одделение носат ранци од 4.5 кг. Тоа покажува дека едно дете од прво до петто одделение е во состојба да носи двојната тежина од препорачаната тежина од експертите.“, изјави Исмаили.
Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека не знае колку тежат училишните ранци, а додава дека книгите се издаваат според план програмата, а не по тежина.
„Вие сте направиле анализа, искрено не знам, врз основа на дневниот план да бидат внимателни и родителите и професорите во дневна основа да направат редукција врз основа на можностите кои ги имаат, а од министерството ќе ги разгледаме можностите бидејќи книгите се подготвуваат според наставната програма а не според тежината на еден учебник.“, кажа Шаќири.
Професорот Исмаили препорачува во секое одделение во училиштето да се изградат шкафчиња кои би заземале многу малку простор, но значително би ја намалиле тежината на училишните ранци. Според Исмаили, за да се направи тоа трошоците се многу ниски, но е добра практика која се користи и во европските земји.
