Осомничениот Манев ги водел полицајците до закопаното тело на убиениот Панче Жежовски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Денешното рочиште за случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски започна со сведочење на припадници на интервентната полиција од СВР Скопје. Првиот сведок, припадник на полицијата, детално опиша како на 3 декември 2023 година го презеле осомничениот Велибор Манев од полициската станица во Кисела Вода.

Сведокот изјави дека заедно со Манев заминале кон Велес, каде што осомничениот им покажал локација на која бил закопан телото на убиениот Панче Жежовски. 

– Прво се возевме, а потоа одевме пеш по земјен пат. Велибор на колегите од СВР Велес им посочи: „Тука е местото, тука има закопано човек“. Местото беше покриено со гранки. По 15-тина минути го вративме Велибор во полициската станица – сведочеше полицаецот.

Вториот сведок, исто така полицаец од екипата која била задолжена да го спроведе Манев од Скопје до Велес и обратно ја потврди изјавата на првиот сведок. Тој додаде дека тие биле само придружба на осомничениот, а колегите од СВР Велес копале на посоченото место. За тоа време Манев воопшто не прозборел ништо повеќе.