„Оставка ако има оправдани причини“ – Членовите на Судски совет треба да одговорат на интерпелацијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Започна да тече десетдневниот рок на петтемина членови на Судскиот совет од кои власта бара оставки. Нив писмено им била доставена интерпелацијата што за нив ја поднесоа ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ и сега се чека нивниот одговор. Поранешната шефица на Советот, Весна Дамева не одговори дали ќе поднесе оставка и допрва ќе ја анализира содржината на интерпелацијата.

„Оставката е личен чин и се поднесува оставка само во случај кога постојат оправдани причини за истото.“, вели Весна Дамева.

Сличен став има и Тања Чачарова Илиевска, која изјави дека власта веројатно цели кон целосно распуштање на Советот.

„Она што ми падна во очи е дека тоа не е интерпелација за членот Тања Чачарова Илиевска на Судскиот совет, туку упатува за интерпелација на Судскиот совет, се зборува за колективна одговорност.“, вели Тања Чачарова Илиевска.

Премиерот Христијан Мицкоски јавно ги повика членовите да си поднесат оставка, барајќи од нив да бидат доблесни. Во иста линија беше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која кажа дека тие не биле таму назначени за да бидат скандал-мајстори.

Засега власта не открива какви механизми ќе преземе ако интерпелацијата биде усвоена во Собранието, а членовите на Советот не си поднесат оставки. Согласно роковите, исходот ќе биде познат кон почетокот на март. Покрај Дамева и Чачарова Илиевска, од пратениците во Советот се именувани и Селим Адеми, Павлина Црвенковска и Миљазим Мустафа. Дел од нив претходно истакнаа дека треба да постојат оправдани причини за да си поднесат оставки.