Се обезбедува модулаторна терапија за 126 пациенти со цистична фиброза. Од трите третмани кои започнаа во 2021 година, до вчера со оваа современа терапија се лекуваа само неколку пациенти. Но, од денеска има 126 клинички случаи, вклучувајќи пациенти со оваа ретка болест на возраст од две години и постари. Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека тука се вклучени и пациенти со различни генетски мутации, кои, според него, претходно не биле лекувани.
„Напредокот не е само во терапијата, напредокот е и во експертизата за лекување. Особено сме благодарни на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ и на Клиниката за детски болести, за интензивниот ангажман и за тоа што преку програмата за обука со болницата во Кембриџ ги воведовме најдобрите практики во лекувањето на пациентите со цистична фиброза.“, рече Сашо Клековски.
Клековски рече дека напредок е постигнат и кај друга група пациенти, односно кај лицата со мултиплекс склероза, каде што веќе нема листи на чекање. Тој додаде дека целта на здравствените власти е таму каде што постојат докази за успешноста на терапијата да нема листи на чекање, бидејќи станува збор за терапии кои го менуваат животот.
„Пациентите со цистична фиброза се сметаа за пациенти со тешка состојба, на кои им беа потребни многу денови лекување и многу хоспитализации. Им благодарам на лекарите кои не го одбија овој предизвик, кои посветено се ангажираа и заедно успеавме да го достигнеме ова ниво на заштита и грижа за пациентите со цистична фиброза“, вели Сашо Клековски.
Се очекува во 2028 година во Македонија да биде воведен нов лек за цистична фиброза. Станува збор за лекот „Alyftrek“, кој во моментов е во постапка на регистрација во Агенцијата за лекови. Во Македонија има исклучително голем број пациенти со повеќекратни мутации. Лекарите велат дека тие сочинуваат околу 10 проценти од вкупниот број пациенти, кај кои лекот „Trikafta“ не е целосно ефикасен, додека „Alyftrek“ е.
