Лавина усмрти тројца чешки скијачи во централна Австрија, соопшти полицијата, со што вкупниот број на загинати во алпските области на земјата во саботата се искачи на осум, пишува британскиот „Гардијан“.
Лавини низ Алпите однесуваат жртви уште од минатата недела, поради обилните снежни врнежи.
Лавината ги однела тројцата од група од седум чешки туристи-скијачи во округот Муртал, во сојузната покраина Штаерска, и целосно ги затрупала, соопшти полицијата.
„Спасителите успеаја да ги лоцираат и делумно да ги откопаат затрупаните жртви. И покрај итните напори за спасување, тројцата беа пронајдени мртви“, се наведува во соопштението.
Порано во саботата, во областа Понгау кај Салцбург, друга лавина погодила група од седум скијачи кои се движеле надвор од уредените патеки, при што четворица загинале, а една личност била тешко повредена, јавија медиумите повикувајќи се на спасителските служби.
Исто така во саботата, уште една лавина усмртила скијач кој се движел надвор од патеките во истата област.
„И покрај јасните и повторени предупредувања, денес повторно имаше повеќе лавини – за жал со фатални последици“, изјавил Герхаард Кремсер, началник на округот и раководител на планинската спасувачка служба во Понгау.
„Оваа трагедија болно ја потврдува сериозноста на моменталната состојба со лавините“, додал тој.
Во вторник, лавина усмртила тринаесетгодишен Чешки државјанин кој скијал надвор од патеката во австрискиот алпски центар Бад Гаштајн.
Минатата недела, 58-годишен скијач-турач загинал во лавина во тиролскиот туристички центар Верберг, во западна Австрија.
Во соседна Швајцарија, еден Германец загина во лавина, а уште четири лица беа повредени додека трчале на скии во петокот.
Минатиот викенд во Франција, шест скијачи загинаа откако ги зафатија лавини на различни алпски скијалишта.
