Здравствената состојба на дел од пациентите заразени со западнонилска треска е сериозна. На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат осум лица со потврдена невроинвазивна форма на заболувањето, од кои двајца се во тешка состојба и се приклучени на механичка вентилација.
Директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана, денес информираше дека двајцата пациенти со потешка клиничка слика се хоспитализирани на Одделот за интензивно лекување, каде што се интубирани и се одржуваат со помош на респиратор.
Поголемиот дел од хоспитализираните пациенти се од Скопје, додека едно лице, кое се лекува на Одделот за невроинфекции, е од Свети Николе.
Во меѓувреме, бројот на починати од западнонилска треска во земјава се зголеми на осум. Цана потврди дека во текот на викендот починал 70-годишен пациент, кој бил примен на Клиниката на 25 август во исклучително тешка здравствена состојба.
Пациентот веднаш по приемот бил префрлен на Одделот за интензивно лекување, каде што бил интубиран и приклучен на механичка вентилација.
И покрај интензивниот третман и максималните напори на медицинскиот персонал, неговата состојба не се подобрила. По десетдневно лекување во тешка општа состојба, пациентот починал во текот на викендот.
Со последниот смртен случај, бројот на жртви од западнонилската треска во земјава достигна осум.
