Осум земји-членки на Европската Унија – Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција – објавија заеднички документ во кој бараат процесот на проширување на ЕУ да не се оптоварува со нови услови за земјите кандидати. Тие оценуваат дека правилата за пристапување и механизмите за следење треба да бидат правични, временски ограничени и да се темелат на објективни критериуми. Според нив, воведувањето нови политички или институционални пречки ризикува да ја намали довербата на земјите кандидати во процесот на интеграција и да го ослабне влијанието на Европската Унија во регионот.
„Постојаното додавање нови барања, политички предуслови или институционални пречки во текот на процесот би ги демотивирало кандидатите, би го поткопал кредибилитетот на европската перспектива и би го ослабнало влијанието на самата Унија во нејзиното соседство.“, стои во нон-пејперот.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека Европската Унија има механизми за да спречи блокирање на интегративниот процес поради идентитетски прашања. Според неа, Македонија поддржува пристапен процес заснован на критериумите на ЕУ, а не на билатерални спорови.
„Од она што го слушнавме во Европскиот парламент, преку формата на амандманите, преку говорите и она што потоа го слушнав од одредени политичари, дури и во самиот Европски парламент, заклучокот е дека ќе бидат потребни многу напори и многу добра волја за некако да се надминат овие разлики.“, вели Гордана Сиљановска-Давкова.
Земјите потписнички на нон-пејперот бараат методологијата за членство во Европската Унија да биде иста за сите земји кандидати, без посебни правила за секоја држава. Според нив, заштитните мерки и преодните периоди треба да бидат временски ограничени, засновани на јасни критериуми и да не создаваат нови обврски, туку само да го зајакнат спроведувањето на постојните услови, вклучително и почитувањето на добрососедските односи и по членството. Потписничките на нон-пејперот, меѓу кои е и Грција, велат дека документот не воведува нови обврски, туку ги зацврстува оние што веќе се составен дел од условите врз кои се темели членството во Европската Унија.
