Обвинителката за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, уште некое време ќе биде суспендирана. Советот на Јавни обвинители едногласно ја отфрли жалбата на Рускоска како неоснована. Одлуката беше донесена зад затворени врати, но претседателот на Советот, Антонио Јолевски рече дека одлуката била тешка.
Советот одлучи додека трае кривичната постапка против Рускоска, што ја покрена поранешниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми, таа да биде суспендирана, со цел со своето присуство да не влијае врз текот на постапката. Јолевски изјави дека слични предмети како овој против Рускоска траат околу два месеца.
Ја прашавме Рускоска како ја коментира донесената одлука? Накратко ни одговори дека нема коментар. За влијанието врз некој предмет, таа рече дека никогаш не направила такво нешто и дека за тоа можеме да ги прашаме и нејзините колеги обвинители.
Јолевски истакна дека истрагата за можни злоупотреби од страна на екс директорот на Финансиската полиција, секако треба да продолжи.
Пред неколку недели, обвинителката Вилма Рускоска изјави дека нејзиното суспендирање значи суспендирање на правото и правдата.
