Откриен напаѓачот од центарот на Виена – еве каде набавил оружје и што му стои во полициското досие

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денес потврди дека напаѓачот кој го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена во понеделникот потекнува од Северна Македонија.

Според медиумите, станува збор за Кујтим Фејзулаи (20), младо момче со македонско потекло родено во Виена.

„Тој беше опремен со лажен појас за бомби, автоматска пушка, пиштол и мачета, оружје со кое изврши грозоморен напад врз невини граѓани“, нагласи Нехамер.

Се верува дека тој објавил слика на Инстаграм пред нападот каде се пофалил со оружје што можеби го користел подоцна во нападот.

Австриската полиција извршила претрес во 15 куќи и уапсила неколку лица, во близина на местото каде живеел терористот.

Според австриските портали, Фејзулаи бил млад талентиран фудбалер, но потоа се нашол во друштво на салафисти и бројни лица осудени за тероризам.

Тој наводно им припаѓал на салафистите со години и ги посетувал сите важни џамии на тоа движење низ Австрија и Унгарија.

Се верува дека тој набавил оружје за нападот во Виена од Словачка, каде што патувал со соучесник во јули. Тие патувале со автомобили кои и припаѓале на мајката на соучесниците, а сите веќе им биле добро познати на властите.

Да потсетиме, терористот беше снимен како шета по улиците на Виена и пука кон минувачите со автоматска пушка, а на крајот полицијата го ликвидираше.

Инаку, Фејзулаи беше ослободен од затвор во декември минатата година, каде ја издржуваше казната за припадност кон терористичка организација. Како симпатизер на Исламската држава, тој беше осуден на 22 месеци затвор затоа што се обиде да замине на сириското бојно поле со цел да им се придружи на џихадистите.

Тој беше фатен во Турција додека се обидуваше да премине во Сирија.

Во декември 2019 година, тој беше ослободен порано поради возраста. Во тоа време, тој се сметаше за неспособен да изврши смртоносен терористички напад, пренесува Дејли меил.