Отпечаток од прст и фотографија од лице при прв влез – oд 12 октомври ќе се применува новиот систем за влез во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако после 12 октомври патувате во земји од Шенген зоната, меѓу кои и кај соседите Грција и Бугарија, не треба да  се изненадите ако на граничните премини ви побараат да оставите биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија од лице. Ова е согласно новиот систем за влез-излез на ЕУ чија примена почнува во октомври. Но, се ќе од постепено, па така  првиот месец обврската е да се идентификуваат 10 проценти од патниците од трети земји, а целосна идентификација ќе има до 10 април 2026 година. За сега не треба он-лајн регистрација, најава каде патувате и плаќање 20 евра. Тоа би требало да  почне да се применува во втората половина на идната година.

„Кога граѓани од трети земји влегуваат во ЕУ, тие треба да се регистрираат еднаш, со биометриски податоци што значи фингерпринт и фотографија по што откако ова е направено при втор влез на граници тоа ќе биде многу полесно. Кога поминувате на аеродром можете да ги  користите автоматските терминали што ќе биде многу побрз начин за преминување на границите на Европската Унија“, вели Михалис Рокас.

Овој систем ќе го замени рачното ставање печати во пасошите со електронска евиденција и биометриски податоци. Ќе се однесува на патниците од земјите што не се членки на ЕУ, вклучително и на македонските граѓани.  Ќе се применува во 29-те земји од Шенген зоната. Децата под 12 години ќе бидат изземени од обврската за давање биометриски податоци. А на почеток можни се подолги чекања на граничните премини.  Од Делегацијата на ЕУ во земјава на брифингот со новинарите посочија дека целта е да се  зајакне безбедноста на надворешните граници на ЕУ и да се олесни влезот за патниците

„Се регистрира секој влез, излез и евентуално недозволување на влез. Има две главни цели. Прво е јакнење на безбедноста на границата- сакаме да знаеме кој влегува и кој е во Шенген зоната, како и да се идентификуваат луѓето кои влегуваат за да се намалат измамите со идентитет, но и да се намалат злоупотребите со пречекорување на 90-дневната дозвола за престој. Второ е ефикасност и брзина. Откако ќе биде целосно имплементиран се очекува да биде побрзо и полесно влегувањето во ЕУ“, велат од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Евроамбасадорот Рокас побара Системот за влез/излез (ЕЕС) да не се меша со Европскиот систем за информации и овластување за патување (ЕТИАС ), за кој дополнително ќе има информации за имплементацијата. Откако ќе почне неговата примена, а најавите се на крајот на 2026 година,  секој што патува во Шенген зоната ќе мора прво да се регистрира онлајн и да го најави своето патување. Регистрацијата, како што е најавено, ќе чини 20 евра и ќе важи три години. Исклучок ќе бидат лица помлади од 18 и постари од 70 години.