Рецензија на новиот албум на Мадона: Кралицата на поп музиката со возбудливо враќање на подиумот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поп-иконата Мадона повторно го привлекува вниманието на музичката сцена со новиот албум „Confessions II“, кој претставува продолжение на нејзиниот култен албум „Confessions on a Dance Floor“ од 2005 година. По успешната светска турнеја „The Celebration Tour“, на која ја прослави својата четиридецениска кариера, пејачката уште еднаш се навраќа на своето богато музичко наследство, но со современ звук и нова креативна енергија.

На новото издание, Мадона повторно соработува со долгогодишниот музички соработник Стјуарт Прајс, кој е коавтор и копродуцент на поголемиот дел од песните. Во создавањето на албумот учествуваат и авангардната музичарка Арка, како и продуцентот Ендрју Ват, познат по соработката со „The Rolling Stones“.

Албумот, кој трае 63 минути, е замислен како непрекинат DJ-сет, при што песните се надоврзуваат една на друга без пауза. За разлика од првиот „Confessions“, кој беше инспириран од диско и хаус музиката, новото издание е силно под влијание на детроитскиот и чикашкиот хаус звук.

Веќе во воведната песна „I Feel So Free“, Мадона ја најавува новата музичка насока преку семпл од легендарната хаус нумера „French Kiss“ на Лил Луис од 1989 година.

„Confessions II“ содржи бројни музички референци на нејзините најголеми хитови. Слушателите ќе препознаат елементи што потсетуваат на „Justify My Love“, „Bedtime Story“ и „Erotica“, додека песната „Danceteria“ претставува омаж на њујоршкиот клуб каде што Мадона ги направила своите први музички чекори. Во текстот таа му оддава почит и на диџејот Марк Каминс, продуцент на нејзиниот дебитантски сингл „Everybody“.

Иако неколку композиции не оставаат подеднакво силен впечаток, критичарите оценуваат дека поголемиот дел од албумот ја потврдува способноста на Мадона и по повеќе од четири децении кариера да создава современа и енергична денс музика.

Во завршниот дел, албумот добива поемотивен тон. Со песната „Fragile“ Мадона му оддава почит на својот покоен брат Кристофер, додека во „The Test“ за првпат вокално соработува со својата ќерка Лурдес Леон (Лола), комбинирајќи трип-хоп звук со лична и искрена исповед.

Со „Confessions II“, Мадона не само што се навраќа на сопственото музичко минато, туку покажува дека и понатаму знае како да создаде албум што ги спојува современите трендови со препознатливиот стил што ја направи една од највлијателните поп-ѕвезди во историјата. Критиката веќе го оценува како нејзино најуспешно студиско издание во последните дваесет години.