Отворен Балкан за отворени прашања со границите – Димитров: Нема ризик Македонија да ја напушти иницијативата поради состојбите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај договорот за отворање на границите на Балканот меѓу Македонија, Србија и Албанија, сепак повторно има застои од 24 до 36 часа и тоа е недозволиво. Ова беше истакнато на состанокот на лидерите на иницијативата Отворен Балкан што се одржува во Белград. Никола Димитров истакна дека единствената долгорочна визија за стабилен Балкан е таа кога границите се помалку значајни. Тој беше прашан колку политичката состојба во земјава со оставката на премиерот Зоран Заев и со евентуална промена на власта може да го смени однесувањето на земјава кон оваа иницијатива, Димитров истакна дека таква опасност не постои.

„Волјата на граѓаните ќе биде таква да кој и да дојде на власт ќе мора да иде напред. Тоа значи европеизација на земјата, јакнење на демократијата, јакнење на растот на нашите економии што бара блиска соработка со нашите соседи. Така што не гледам тука никаков ризик кој би можел да произлезе. Мојата земја Северна Македонија, убеден сум дека е важно да остане дел од оваа иницијатива, важно е за развој на нашите економии и за европската иднина на регионот“, истакна Никола Димитров.

Премиерот на Албанија Еди Рама нагласи дека она што е договорено меѓу лидерите на оваа иницијатива мора да биде преточено во реалност на границите за оние кои извезуваат да немаат штети со тоа што производите ќе пропаѓаат чекајќи да поминат граница.

„Секој на свој начин трпи на границите од време на чекање, како и од тие да ги кажам црвени линии од агенциите, нивните контроли, проверки и така натаму, навистина претставуваат пречка. Суштината на оваа иницијатива и како нашите економии да растат.  Едноставно не е можно вие да дојдете до граница во петок навечер и потоа да чекате до понеделник да извезете млеко. Затоа што тоа значи дека тоа до понеделник ќе се претвори во јогурт“, посочи Еди Рама.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ ги повика и другите земји од регионот како што се Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, да се приклучат на оваа иницијатива, бидејќи како што истакна таа носи поголем економски бенефит на секоја земја. Истакна дека денеска е формиран Совет за имплементација.

„Во следните 7 до 10 дена овде во Белград со претставниците на царина и различните агенции, фитосанитарни инспекции за уште еднаш да анализираме како се одвива слободниот проток на стоки. Денеска по прв пат сериозно разговаравме за слободен проток на услуги. Имавме примери на наши бизнисмени кои велат дека кога треба да извезуваат сирово млеко во Северна Македонија и доаѓаат во петок навечер и мора да чека до понеделник наутро. Тоа се недозволиви работи“, вели Александар Вучиќ.

На денешниот состанок на иницијативата Отворен Балкан требаше да присуствува премиерот Заев, но поради тоа што тој поднесе оставка на својата функција, него го замени вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.